Пратениците и попладнево во рамки на 13-та седница расправаа за изборот на заменици министри во Владата.
На денешниот втор ден од расправата, пратениците од СДСМ рекоа дека ќе ги поддржат предложените заменици министри, бидејќи му веруваат на премиерот и на неговиот избор на кандидати. Тие имаат позитивни оценки за досегашната работа, а предложените кандидати, според нив, се квалитетни и ги исполнуваат критериумите за должните кои им претстојат.
Опозицијата, пак, има резерви за тоа колку оваа Влада ќе може да сработи во претстојниот период бидејќи, како што рекоа, и „во минатиот мандат не направи ништо за доброто на граѓаните“. Реагираа за застапеноста на жените меѓу новите заменици министри и рекоа дека не знааат кои се тие лица и ги критикуваа нивните биографии и квалификации.
Покрај за замениците министри, како и вчера, повторно се дебатираше и за проблемите во образованието, за земјоделството, за ветувањата и проектите на Владата кои досега, како што велат од опозицијата, не се реализирани.
Пратениците од албанскиот опозициски блок се осврнаа на парламентарните избори од 15 јули годинавам и на „лошиот живот на Албанците во земјава наспроти другите етнички заедници и на нивното образование“.
Пратеникот Елми Азири од Алијанса за Албанците зборуваше за надлежностите на замениците министри, а предложените кандидати како, што рече, не се убедливи поради тоа што поголемиот дел од нив, особено оние кои беа дел и од минатиот режим, произлегуваат од една компромитирана политичка номенклатура која не влева ниту надеж, ниту дава доверба.
Арбер Адеми од ДУИ, реплицирајќи му на Азири, рече дека не се согласува со него и додаде оти има овежување во кадрите, а замениците министри одговорно ќе ги извршуваат своите функции.
Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час, а седницата ќе продолжи во 19:30 часот