Пратениците во продолжението на 122. седница изгласаа неколку предлог-одлуки.
Пратениците ги изгласаа предлог-одлуката за именување член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, предлог-одлуката за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“, како и предлог-одлуката за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“.
Пратеникот Сали Мурати имаше забелешка дека нема претставник од турската заедница во комисиите и одборите за државни награди и поради тоа нема да ги поддржи овие предлог-одлуки бидејќи, како што рече, не е во согласност со членот 6 од Уставот.
На тоа пратеникот Ѓоргија Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ реагира дека тие самите не дале предлог за членови од турската заедница кога на комисиите се предлагале членови, а имале таква можност и оти ништо не им е ограничено.
Пратениците го изгласаа и предлог-законот за државната ревизија во прво читање. Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски рече дека предлог-законот за државна ревизија претставува значаен чекор во натамошното унапредување на системот на јавните финансии, јакнењето на институционалната независност на Државниот завод за ревизија и зголемувањето на отчетноста и транспарентноста во управувањето со јавните средства.
– Основната цел на предложените решенија е да се создаде појасна, посовремена и поефикасна законска рамка за вршење на државната ревизија, усогласена со меѓународно прифатените стандарди и принципи за работа. Една од клучните новини е дополнително зајакнување на независноста на Државниот завод за ревизија. Со предлог-законот јасно се утврдува дека ДЗР самостојно и независно одлучува кои ревизии и кои субјекти ќе бидат вклучени на годишната програма за работа. Предлог-законот го прецизира опсегот на државната ревизија. Покрај институциите и другите субјекти, кои располагаат со јавни средства, се предвидува можност за ревизија и кај субјекти поврзани со субјектите за ревизија кога постои економски, финансиски или друг вид интерес и кога се користат средства што претставуваат јавни расходи – рече Јанкуловски.
Тој истакна дека значајни новини се предвидуваат и во однос на изборот и статусот на главниот државен ревизор и неговиот заменик во насока на зајакнување на професионалните критериуми за избор и се прошируваат и надлежностите на главниот државен ревизор.
Пратениците ги усвоија и предлог-одлуката за начинот на спроведување интервју, оценување на исполнувањето на условите и бодирањето на кандидатите за членови на Советот на јавните обвинители на Република Македонија и предлог-одлуката за начинот на спроведување интервју, оценување на исполнувањето на условите и бодирањето на кандидатите за членови на Судскиот совет на Република Македонија.
Изгласан беше и предлогот на автентично толкување на член 23 став 1 точка 18 од Законот за данок на додадената вредност.




