Антонио Милошоски обзнани дека пратениците од неговата партија доставиле предлог одлука до Собранието да се формира Анкетна комисија за работењето на СЈО.
Токму Собранието на предлог на Советот на јавни обвинители констатираше дека специјалниот обвинител Катица Јанева работела нестручно, незаконски и несовесно и сакаме во име на граѓаните како даночни обврзници кои одвоиле околу 15 милиони евра за работењето на досегашно СЈО да ги утврдиме фактите на кој начин биле трошени средствата и на кој начин се постапувало по одредени други процедури внатре во самото СЈО – рече Милошоски.
Анкетната комисија, објасни тој, би се состоела од претседател и 10 членови, а дека како иницијатори согласно собраниската пракса, ВМРО – ДПМНЕ да номинира претседател на оваа Анкетна комисија, а сите други политички партии согласно нивното присуство во Собранието да делегираат членови.
Анкетната комисија не би се занимавала со било какви обвинителски или судски предмети бидејќи не сака ниту може да биде обвинител, ниту судија, но би го утврдувала начинот на материјално и финансиско работење на обвинителството, почитување на постоечките законски процедури и деловодници внатре во самото обвинителство. Законитост на постапките при вработување во самото обвинителство, утврдување на можни конфликтни интереси или непотизам при вработување како и трошењето на средствата по однос на сомнителни хонорари. Сметаме дека имало голем дел на такви договори и исплатени хонорари кои што според нас немаат законска основа – појасни Милошоски.
Тој напомена дека како придружни членови или набљудувачи, би биле поканети и претставници на шведската, американската и холандската амбасада бидејќи овие три држави имаа значителен финансиски учинок и влог во буџетот на СЈО од даночните обврзници на нивните земји. Сметаме, додаде Милошоски, дека би имале право да имаат увид во тоа како биле потрошени или како се располагало со средствата на нивните даночни обврзници во рамките на работата на СЈО.
Очекуваме по однос на оваа предлог одлука за Анкетна комисија во најскоро можно време да се изјаснат и останатите политички партии, особено колегите од владејачкото мнозинство кој што заедно со сите други пратеници ја испочитуваа одлуката на Советот на јавни обвинители за незаконско нестручно и несовесно работење на специјалната обвинителка Катица Јанева која што беше најбитната фигура во оваа институција. Тоа е доволна основа да имаме мотив да го провериме работењето на СЈО во деловите кои што ги спомнав – рече Милошоски.