После долги докажувања и дебати, добро е што повеќе никој во Македонија не го спори фактот дека осумината пратеници гласаа во парламентот за уставните измени под притисок и уцени, пишува денеска поранешниот пратеник и политички аналитичар, Александар Пандов.

– Меѓутоа сосема е погрешно тврдењето дека тој притисок доаѓал само од СЈО и Катица (Јанева). Точно е дека дел од нив (Бетка директно, Авирович индиректно) имаа зорт, беа со обвиненија кон нив или нивни блиски, чести судења, но пратениците кои требаа да гласаат не беа во притвор. Да потсетам дека паралено со судските процеси на СЈО, во тоа време одеше и судењето за настаните од 27 април. Обвинителка беше Вилма Рускоска, а првообвинети беа „вратарите“: Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов. Тие беа притворени. Сите се сеќаваме како дента кога беше гласањето на волшебен начин, овие беа ослободени и донесени во парламент да гласаат, а подоцна беа и амнестирани од било каков прогон, објавува Пандов на Фејсбук.

Натаму во неговиот пост додава:

– Логично се поставува прашањето, тогаш обвинителкава постапувала ли независно и по словото на правото и законот или добивала политички нарачки и директиви. Имало ли договор помеѓу Рускоска и Заев „услуга за услуга“, јас тебе ти ги ослободувам пратенициве да ти гласаат, ти мене ќе ме поставиш за шефица на обвинителството за организиран криминал и корупција, па за понатаму ич не се секирај, се ќе биде ОК? Затоа ли сега Заев од кога видовме како ги „обрале“ со Боки Тредичи бизнисмените се труди да ја задржи токму Вилма да го води случајот Рекет? Спиро Ристовски компензација ли и е за овие тројца пратеници што ги ослободи, па скоро година дена го држи во Шутка без никакво обвинение?- прашува Пандов.