Немавме доверба дека ќе се прифати францускиот предлог во нашиот Парламент, но се случи тоа, иако една од партиите во коалиција излезе од Владата, а овој предлог кој е проевропски се надеваме дека ќе ги врати на маса преговорите, бидејќи Бугарија ќе стане полноправна членка само тогаш кога и сите соседи ќе станат дел од ЕУ, рече денеска пратеникот и поранешен министер за животна средина во Бугарија, Станислав Анастасов.
Анастасов кој беше еден од панелистите на конференцијата „QVO VADIS EVROPA 2022? Поттикнување на проширувањето и интеграцијата на ЕУ“, смета дека е потребно да се работи и од бугарска перспектива за да се одржуваат билатералните односи.
Тој рече и дека лично многу се радува што македонскиот е веќе и официјален јазик во ЕУ. Тоа е, нагласи, многу добра новина.
-Потребно е да се работи и од бугарска перспектива да се одржуваат билатералните односи бидејќи во моментов се најниско можно ниво, рече Анастасов.
Конференцијата се одржа пред почетокот на осмиот конгрес на ЛДП на кој се очекува Моника Зајкова да биде избрана за нов партиски лидер.