Албанците во Македонија не треба да бидат заложници на неколку лица на патот кон ЕУ, порача независниот пратеник Скендер Реџепи-Зејд.
Тој предупреди дека во блиска иднина би можело да се случи некои албански општини да почнат да го бараат патот кон ЕУ.
– Албанците не го оспоруваат идентитетот и јазикот на македонскиот народ, но може во блиска иднина да се случат и други барања, каде што албански општини можат да го бараат патот кон ЕУ. Треба да имаме одговорност во Собранието. Историските проблеми помеѓу Македонците и Бугарите ќе останат и понатаму и не можеме да ги решаваме со пратеници туку со историчари. Најдобро решение е преку измена на Уставот и нашата иднина да биде во ЕУ. За Бугарите, Гоце Делчев е Бугарин, а за Македонците останува Македонец. Треба да се отворат хоризонтите на државата во Унијата. Оптимист сум по природа, но во случајов сум песимист дека може да има уставни измени, вели Реџепи.
Тој истакна дека ова е една шанса сите да патуваме заедно кон ЕУ.
– По 30 години патување и целиот труд на политичките актери, ја враќаме Македонија во 1990-тите кога земјата беше хранета со националнизам против Албанците. Не случајно последните денови се актуелизира доаѓањето на косовскиот премиер и тоа дека се создава Голема Албанија, при што се спречува именување на улиците, рече Реџепи.