Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи” на 7 мај до премиерот поднело барање за разрешување на министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Барањето за разрешување на министерот е поднесено по повод постапката пред Уставен суд за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, конкретно поради: пречекорување на надлежностите и овластувањата на министерот Бесими и Министерството за финансии, загрозување на темелните вредности на уставниот поредок преку непочитување на владеењето на правото и поделбата на власта на извршна, законодавна и судска, неовластено и недозволено мешање во работата на судската власт и загрозување на нејзината самостојност и независност, манифестација на очигледна непослушност кон Премиерот, што се граничи со несериозност и неодговорност во вршењето на функцијата, но и со загрозување на работата на Владата како колективно тело, со своја хиерархиска поставеност, наведуваат од Здружението.
Според нив, во текот на постапката пред Уставниот суд, Министерството за финансии и министерот Бесими, извршиле отворен притисок врз Уставниот суд и мешање во неговите надлежности.
– Тоа се случи во доцните вечерни часови на 20 април кога на порталот 360stepeni.mk беше лиферувана порака до Уставниот суд лично од министерот, во која им порача на уставните судии дека „утре решавате за стабилноста на целиот финансиски систем”. По кратко време, некој од Министерството веројатно увидел дека бил направен опасен преседан на притисок врз уставните судии, па беше направена корекција, дека, всушност, „Финансии го бранат статусот на фондот за осигурување на депозити”, што во суштина не го менува фактот дека Министерството за финансии, на јавна сцена, отворено и без скрупули, изврши притисок врз Уставниот суд да одлучи негативно по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, велат од Здружението.
Потенцираат дека министерот Бесими треба да поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
– Здружението „Правда за штедачи“ очекуваше дека Министерот Бесими ќе има доблест сам да поднесе оставка, но кога ниту после една седмица тоа не го стори, на 26 април Здружението поднесе барање за оставка на министерот Бесими до Министертвото за финансии. Сепак, оставките во нашата држава изгледа дека се „мисловна именка”, додека чувството за самоодговорност e „успешно оперирано”. Затоа, веќе дваесетина дена министерот за финансии Бесими, не само што нема доблест да поднесе оставка, туку напротив, неговото влијание преку претседателот на Уставниот суд, за процедурално одолговлекување на постапката, е уште поочигледно, посочуваат од Здружението.
Додаваат дека министерот не одговорил ниту на барањето од премиерот да одржи состанок со претставниците на Здружението „Правда за штедачи“.
– Како министерот за финансии Бесими мисли да ги решава проблемите, ако не со дијалог? Дали смета дека е недопирлив, па може да врши притисоци, недозволени влијанија и да манифестира непослушност кон премиерот без последици? Зарем тоа е евроскиот пат? Затоа, токму поради европската иднина на граѓаните и државата, очекуваме министерот за финансии Фатмир Бесими да биде разрешен од функцијата, кога веќе нема доблест сам да си поднесе оставка, се вели во соопштението.