Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 07.04.2025 година со која обвинетиот М.П. беше осуден – за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена казна затвор во траење од две години.

Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.

Меѓу околностите поради кои обвинителството бара построга казна се особено тешките подледици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина.

ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет пред тој да биде правосилно завршен.

Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата.

Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока.

Дополнително, и семејството на жртвата кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено со обрати до обвинителството за да побара да ја обжали пресудата.

„Ова не е правда! Тука имаме потфрлање на системот по сите основи“.  Ова на 8-ми април го истакна премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја пресудата на судот во Тетово од две години затвор за возачот кој ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска.

-Јас не само што сметам дека правдата не е задоволена, туку и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран, рече Мицкоски.

Свесен дека можеби ќе следуваат критики, но јавно побара од Судскиот совет да се преразгледа работењето на судијата.

-Јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се анализира оваа пресуда. Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш за бадијала ни е се. Ова не е прашање за политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова? Кој дозволил? Кој гледал на страна – ќе одговара! И институциите и одговорните лица и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој кој го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај, рече тој.

Судскиот совет, избран од СДСМ и ДУИ неколку дена подоцна само ја потврди пресудата од мизерни 2 години затвор. Ќе реагира ли судот по новата иницијатива на Обвинителството?