Државниот обвинител Љубомир Јовески не ја коментира собраниската постапка која ќе му овозможи да го преземе СЈО, пренесува Сител. Вели дека со истекот на мандатот на специјалниот обвинител, сега нема кој да ги потпишува финансиските документи.
„Има Предлог на закон за изменување и дополнување на Закон за јавнообвинителска служба во кој се предвидуваат решенија во врска со прашањето во делот на платите на јавнообвинителските службеници. Тоа ќе се разгледува и ќе се создадат услови некој да одлучува во врска со тоа, сега навистина би било прејудицирање по тоа прашање“, вели Јовески.
Предложените измени во законот за јавнообвинителска служба изготвени од група пратеници на СДСМ и ДУИ, на дневен ред на собранието се во среда.. Тие предвидуваат Јовески целосно да ја добие надлежноста врз СЈО – со негов потпис да се покриваат трошоците за објектот и платите на вработените.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ова е обид на власта да го прикрие неодговорното трошење и за тоа да нема кривична одговорност.
„Власта и ЈО се уште ги нема суспендирано обвинителите и полициските службеници кои земале илјадници евра од сметката на СЈО. И покрај излегувањата на аферата „Кеш“, во јавноста власта не презема чекори за милионската афера. Наместо одговорност, во Собранието, Владата пушта предлог закон со кој што СЈО преоѓа кај мочаливиот републички јавен обвинител, Љубомир Јовески“, вели Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.