Вишиот просветен инспектор и раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научните институти, ученичките и студентските домови, Ѓорѓи Илиевски, ќе биде деградиран и распределен на пониско работно место објави порталот Факултети.
Одлуката, според пишувањетона порталот, ја донел директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски, откако дисциплинската комисија му ја предложила оваа мерка бидејќи „Илиевски сторил прекршок“.
Од Државниот просветен инспекторат изјавиле дека дисциплинската комисија утврдила оти Илиевски сторил прекршок и со тајно гласање донела одлука со предлог за изрекување на дисциплинска мерка против него која гласи: „Распределување на непосредно пониско работно место“.
– Никакво решение не ми стигнало на домашна адреса. Ниту од дисциплинската комисија, ниту ова за моето деградирање. Од вас слушам за ова. Секако дека ќе ја обжалам оваа одлука, како и начинот на кој беше водена целата постапка од страна на дисциплинската комисија – изјави Илиевски за порталот.
Илиевски се најде на удар откако откри прекршувања на законот во ресорот во кој е инспектор.