Вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, придружуван од американската амбасадорка во земјава Кејт Бернс денеска ја посети Општина Битола и оствари средба со градоначалничката Наташа Петровска.

Поранешниот амбасадор на САД во нашата земја Филип Рикер изрази задоволство што повторно е во посета на Битола и ја претстави новата американска амбасадорка Бернс, која за прв пат беше во официјална посета на Општина Битола.

-Битола е градот кој има стратешка позиција и во економскиот и во политичкиот живот во земјава, истакна Рикер на средбата со Петровска.

Градоначалничката Петровска посочи на идна соработка и се заблагодари на поддршката која градот Битола ја добива од страна на САД.

Високиот американски функционер од Битола, работниот престој го продолжи во Скопје.