Денеска е 3 април, односно 21 март по стар стил. Според Православниот календар на Македонската православна црква денеска се слават: Свети Јаков, епископ и Исповедник, Преподобен Кирил, Свети Тома патријарх Цариградски и Преподобен Серапион.
За Св. Јаков Исповедник не се знае ни местото на неговото раѓање ни местото на неговото епископство. Се знае само дека ги исполнил Христовите заповеди, подвизувајќи се многу во пост и во молитва и дека во времето на Копроним претрпел големи беди од иконоборците: глад, затвор и секакво подбивање. Најпосле му ја предал својата света душа на Бога, кому верно му послужил во овој живот. Живеел и страдал во 7 век.
Преподобен Кирил родум е од Антиохија и ученик на апостолот Петар. Добро управуваше со Христовото стадо. Имаше и дар на чудотворство преку молитвата. Така еднаш претвори горчлива вода во питка, бидејќи беше суша и наоколу немаше друга за пиење. Мирно се упокои.
Свети Тома, патријарх Цариградски живееше во времето на царевите Маврикиј и Фока, кога патријархуваа Св. Јован Постник и Киријак. Св. Јован ја забележа неговата ревност и неговото големо благочестие и го возведе во чин на сакелариј (намесник) на Патријаршијата, а по смртта на Киријак го избраа за патријарх. Во негово време се случи еден необичен настан. Кога еднаш одеа во литија со крстови, крстовите почнаа сами од себе да се колебаат и да се удираат еден од друг. На ова се зачуди сиот народ. Кога патријархот дозна и се увери во вистинитоста на овој настан, го викна Теодор Сикеот, прочуен испосник и проѕорливец, и го замоли да му објасни што се претскажало со таа случка. Теодор му се помоли на Бога и му откри на патријархот дека тоа ги означува големите неволји што ќе ја снајдат Црквата, а коишто ќе дојдат и на целото грчко царство заради внатрешните политички и верски раздори. Ова наскоро сосем се исполни. Тома го молеше Теодор тој да се помоли на Бога за него за Бог да го земе кај себе пред да настапат оние беди. „Заповедаш да дојдам кај тебе или да се видиме таму пред Бога?“, му одговори во писмо Теодор и со ова му кажа дека наскоро обајцата ќе умрат. Истиот тој ден патријархот се разболе и умре, а набрзо по него и Св. Теодор. Свети Тома се упокои и се пресели кај Господ во 610 година.
Преподобен Серапион, другар на Св. Антониј Велики. Во Нитриската пустина беше настојател на т.н. Антиохиски манастири, во кои имаше околу единаесет илјади монаси. Паладиј и Созомен го нарекуваат Велик. Се упокои околу 366 година. Пишуваше Свети Серапион: „Не мисли дека болеста е тешка, тежок е само гревот. Болеста н ѐ следи само до гробот, а гревот останува со грешникот и потоа“.