Дел од жителите на тетовската населба Певчина во стариот дел од Тетово започнаа иницијатива за уредување на просторот надвор од православните гробишта чија децениска слика ја прават огромните купишта фрлен смет пред главната порта и на околу, обрасната трева, недолични графити и слични примери на девијантни постапки на несовесните граѓани.
Во нивната еднодневна акција сиот смет складиран на препознатливото место пред главната порта и долж ѕидовите бил собран и однесен со возила на јавното комунално претријатие (ЈКП). Сепак по неколку дена мештаните виделе дека продолжиле несовесните постапки на поединци кои повторно фрлиле смет пред гробиштата.
Со оглед дека гробиштата се во надлежност на ЈКП побарале и добиле дозвола за работа како и механизација со која се однесени големите количини смет. Акцијата е направена во средата на 3 јуни, а веќе наредниот ден нов смет бил фрлен пред гробиштата. Тоа продолжило и во наредните денови па сега веќе повторно има купишта смет, пред се кај главната порта и влезот од кај црквата Свети Димитриј.
Живко Антовски вели дека идејата дојде спонтано, во еден од маалски разговори пред Задушница, сакајќи да придонесеме вечниот дом на многумина православни христијани да биде достојно место, кое досега не личеше на такво. Едноставно, вели, сакавме да направиме добро дело, да се поттикне вакво поведение и кај другите.
-Од ЈКП донесоа трактор и камионче на кои се товареше сметот. Од наша страна, од наш познаник обезбедивме багер да помогне во собирање и подигање на сметот. Средства собиравме сами, но имаше и фирми кои ни помогнаа. Во текот на акцијата се јавија доста луѓе, понудија помош и со работа и ни донесоа потребни предмети за работа или за јадење и вода, раскажува Небојша Николовски.
На групата од 12-мина доброволци од Певчина им се придружиле соседи и од населба Поток. Освен во собирањето и подигањето на сметот, групата работела и во подбрувањето на изгледот на просторот надвор од гробиштата пред се на ѕидот и неколкуте влезни порти.
-Се работеше на ѕидовите кои се стари и имаат многу дупки, па мораше да се пополнуваат со градежен материјал. Кога се пополнија, продолживме со бојадисување и на тој начин да ги прекриеме недоличните графити. Веќе долго време го немаше натписот, беа паднати буквите на влезот кај камбанеријата на црквата Свети Димитриј, па ставивме нови. Ставивме и три нови крстови каде немаше на неколку од вратите, а во иднина сакаме да поставиме и фенери за осветлување, потенцира Живко Антовски.
Иако, делумно се разочарани од несовесните постапки на поединците кои продолжија со фрлањето смет, кај нив се уште постои желба да се работи на местото со надеж дека понатаму може да биде одржливо пристојно место како што доликува на едни гробишта.
-Целта беше да се подигне свеста. Тие кои таму имаат гробови не значи дека мора да го фрлат сметот веднаш надвор на земја. Има и контејнер, а може да се однесе и на друго место да се фрли. Како да се прави за инает или намерно. Жалосно е тоа што се случи, бидејќи го направивме да служи за сите, а не за поединец. Ние ќе го средиме, ама да не се награди за помалку од 24 часа пак. Сепак пак планираме акција за чистење надвор од гробиштата. Од друга страна во ваков обем ако се продолжи да се фрла бесполезна ќе биде целата работа што ја работаме. Затоа мора да има санкционирање, инаку нема да има свест кај народот, образложува Небојша Николовски.
-Разговараме и со МПЦ и со ЈКП да се види дали да се постави редарска служба, да се набават и постават пример камери со цел да се спречат ваквите постапки. Ние сигурно ќе ги набавиме, сакаме да го средиме местото и тоа да биде такво постојано. Како да го сметаат за депонија сега, па има луѓе кои со камиончиња и со трактори наплаќаат транспорт на смет и шут, наместо на вистинска депонија доаѓаат овде и го фрлаат. Вака се надеваме дека кога ќе има казни за оние кои се фатат на самото место дека ќе се смени свеста и дека ќе биде поинаку, вели во разговорот Бобан Димовски.
Потенцираат дека се исклучиво доброволна граѓанска иницијатива без поддршка од некоја партија. Во Певчина сакаат да ја уредат ширинката која претставува нивно збирно место во населбата. Веќе имаат поставено клупа и маса, а сакаат уште поголем простор да се уреди со поставување и на чешма и јарбол.