Православните христијани денеска ја слават Лазарова сабота, Лазарици или Лазаровден, а утре Цветници. И двата празника во Македонија во минатото масовно се прославувале.
Свети Лазар четвородневниот секогаш е во саботата пред Цветници, осум дена пред Пасха.
Светиот Лазар, брат на Марта и Марија, беше родум од Витанија, близу Ерусалим. Во време на својот живот на земјата Господ Исус Христос често го посетуваше домот на Лазара, кого многу го сакаше и го нарекуваше Свој пријател (Јн. 11: 3, 5, 11). Кога Лазар умре и веќе четири дена се наоѓаше во гроб, Господ го воскресна од мртвите и тоа чудо се празнува на денот наречен Лазарева или Лазарова сабота.
Многумина Евреи откако чуја за тоа, дојдоа во Витанија и се уверија во воскресението Лазарево, та станаа следбеници Христови. Затоа првосвештениците сакаа покрај Исуса Христа да го убијат и Лазара.
По своето воскресение, светиот Лазар живееше уште 30 години. Беше епископ на островот Кипар, каде што го ширеше Христијанството. Таму, на Кипар, мирно се упокои и е погребан во градот кој поради гробот на светиот Лазар денес се нарекува Ларнака, што значи „кивот“.
Во 898 година византискиот император Лав Мудри (886-911) ги пренесе неговите мошти во Константинопол и ги постави во храмот кој го носи неговото име.