Во манастирот „Свети Јован Претеча“ во демирхисарско Слепче денеска почнува празнувањето на споменот на Свети Кипријан Слепченски, кој на 30 април 2017 година беше прогласен за светител.
По тој повод во 16 часот ќе се одржи вечерна богослужба на која ќе учествуваат свештени лица и верници, а на 30 април, се очекува во Слепче да пристигнат делегации на монаштво и свештенство од сите манастири во нашата земја, информираат од манастирот.
На утрената богослужба во манастирот ќе биде поставен кивотот (ковчегот) со светите мошти на Свети Кипријан, кои засекогаш ќе останат изложени во храмот. Исто така, ќе бидат истакнати и бајраците кои се специјално иконопишани за големата литија со која ќе биде заокружен богослужбениот дел од програмата, а кон која ќе се придружат и повеќе мешани хорови од земјава.
Во рамките на програмата, пред храмот е предвиден и рецитал за кој свое присуство најавија многу поддржувачи на науката, црквата, академијата, културата и воопшто љубители на словото и уметноста. Рециталот ќе се изведува во шест етапи со наратор, со изведувачи од Филхармонијата, како и странски изведувачи од филхармониите на Берлин и Виена, а учество ќе земат и уметници од Битолскиот и Прилепскиот театар, како и м-р протопсалт од Софиската и Македонската генеза на неумско пеење.
Како заокружување на празнувањето на споменот ќе се служи трпеза на љубовта на три места во манастирскиот комплекс.
Свети Кипријан бил игумен на манастирот „Свети Јован Претеча“ во времето на турското владеење, во 18 век. Во 1780 година, на Величетврток, манастирот бил нападнат од турски разбојници, од кои Кипријан претрпел големи мачења. По нивното заминување, тој поживеал уште три дена, речиси полумртов. Од жестоките мачења се упокоил на денот на Христовото Воскресение.