Етиопискиот православен свештеник Хајлеселасиј Касеј секојдневно пешачи по два часа и потоа се искачува по опасна карпа за да стигне до црквичката Абуна Јемата Гух, која што е изградена во самата карпа.

Црквата се наоѓа на северот од Етиопија, во карпа на висина од 250 метри, па до нејзе може да се стигне само пешки, зашто дел од искачувањето практично е алпинистичко.

Храмот го изградил Абун Јемата, еден од деветте етиописки светци кои од Сирија и Европа пристигнале во Етиопија да го шират христијанството во 5. век. Некои тврдат дека локацијата ја избрал за да биде поблиску до небото, а други дека црквата е изградена високо во карпите за да биде заштитена од непријатели.

– Не се плашам додека се качувам, тоа го правам секој ден. Тешко е, но изводливо. Секое утро се будам рано. Потоа работам дома до 6 наутро, па тргнувам кон црквата. Кога излегувам од дома многу сум среќен што одам таму, срцето ми се исполнува, вели свештеникот.

Тој два часа пешачи само до подножјето на црквата.

– Овде е многу тивко, нема многу луѓе со кои можете да зборувате. Комуницирате со Господ и тогаш вашиот ум се ослободува. Една од причините поради која станав свештеник е тоа што сакам да им го пренесам на луѓето тоа што го научив, за да можат да тргнат по моите стапки, вели Касеј.