Навивачката група Комити организира пречека на ракометарите на Вардар, кои треба да пристигнат утре вечер во Скопје од Келн. Што и да се случи во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), кое вечерва ќе се одигра меѓу Вардар и Веспрем, пречекот на ракометарите на македонскиот првак и европски шампион од 2017 година, ќе има, порачаа Комити.
„Без оглед што ќе се случи денес во Келн, Шампионските срца заслужуваат величествен пречек!
Парадата на Гордоста започнува со Пречекот на Аеродромот Александар Велики, каде одиме со автомобили, потоа со Дефиле од илјадници автомобили, мотори, веспи, автобуси, велосипеди, тротинети…
Ја Повикуваме цела Црвено-Црна Армија и цел Македонски народ заедно со овој голем успех да ја прославиме Храброста, Истрајноста, Борбеноста, Непокорот а со малку повеќе среќа и Божја волја – Втората Европска Титула !!!
Оваа Парада на Гордоста воедно е и прослава на нашиот 32 Роденден !!!
Ги повикуваме ЈСП Скопје и приватните превозници да им овозможат на сите оние кои немаат сопствен превоз до Аеродромот а горат од желба да ги пречекаат јунаците тоа да им го овозможат.
СОБИР: Сала Јане Сандански 22:00ч.
ПОАЃАЊЕ ВО ДЕФИЛЕ: 22:30ч.“, стои во соопштението на Комити.
Ракометарите на македонскиот првак и европски шампион од 2017 година, Вардар, по втор пат ќе играат во големото финале во Лигата на шампионите (ЛШ), откако попладнево во „Ланксас арената“ во Келн, се надминаа себе си и успеаја со неверојатни 15 минути во второто полувреме да го совладаат осумкратниот европски првак, шпанска Барселона со 29-27.