Пишува: Блаже Миневски
Во перидот од 1835 до 1917 година, колку што траело последното возобновување на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга, во летописната книга на дарители се запишале стотици луѓе, кои со име и презиме дарувале од неколку гроша до цели имоти! Станува збор за ракописна книга напишана на македонски народен јазик, која и денес се чува во истата струшка црква како драгоцен документ за културно-просветното, економското и црковното живеење во Македонија. Во списоците можат да се прочитаат многу имиња на дарители, кои со години го помагале возобновувањето на црквата во грошеви и наполеони, но и дарители кои ги подарувале своите куќи, на пример, за „девическо училиште“!
Поменици имале сите манастири и цркви во Македонија!
Според д-р Михајло Георгиевски, кодиките или помениците се ракописни книги во коишто се испишани имињата на разни спомагатали, ктитори и покровители на одредни цркви или манастири. Меѓу нив се среќаваат имиња на цареви, кралеви, кнезови, феудални владетели, патријарски и архиепископи, митрополити и епископи, монаси, свештеници и световни, граѓански лица. Во помениците се забележани подароци на цели населби, еснафски здруженија или групи на заенатчии и трговци. Обично подароците на манастирите или црквите се давани на патрониот ден на манастирот или црквата, а посебно ако дарителите имале болен во смејството или некоја друга неприлика. Даровите за манастирот или за црквата се приложувале лично, преку член на семејството или пак преку манастирските монаси, старешини и други манастирски лица. Во секој случај, ваквите поменици или кодиките имаат огромно значење за истражување на економската историја и општествено-политичкиот живот на одредена средина и претставуваат драгоцени документи за економско-социјалната положба на населението во одредена земја, област, село или град. Притоа, истовремено, може да се утврди и економската положба, но и популарноста на црквата или манастирот на кој му припаѓа одреден поменик.
А поменици имале сите поважни македонски манастири и позначајните цркви во градовите и поголемите села во Македонија. Во науката познати се повеќе вакви македонски поменици, почнувајќи од најстариот Слепченски летопис од 16 век па до последниот поменик на црката „Свети Ѓорѓи“ од Струга кој го „покрива“ периодот од 1835 до 1917 година. Во овој поменик, покрај името, презимето и местото од каде е дарителот, наведен е и самиот подарок кој се движи од неколку гроша до куќи, бавчи и цели имоти. Податоците во летописот се напишани на македонски народен јазик. Ракописот се чува таму каде што е пишуван, почнувајќи од 1835 година, во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга, а со микрофилм од тефтерот располага НУБ „Св. Климент Охридиски“ од Скопје.
„Григор Плаков е поклона кштата си за девическо училиште!“
Во оваа прилика ќе издвоиме само дел од даровите и дарителите за да се види суштината на дарителската традиција во Македонија:
„Крста Томојчина поклона градината си; Крстан Шајнов поклона еден загон (мерка за површина н.з); Наумче Милоев за душа от татко си и мајка си поклона еден загон под Заграчани; Тане Милев и брат му Трајче поклонае еден загон за душа од мајка си и татка им; Танаско Белев поклона едно загонче под лозјата шумскиј; Дзозија Белев поклона едно загонче по лозјата шумскиј; Тане Кочов поклона три загончиња под лозјата шумскиј; Цветко од Ложани поклона едно кравче; Танаско Белев поклона едно загонче на Опалец; Јон Кавајов даде две ангелина сребрени за на свети врати; Кочо Голабов даде икона од Воскресението Христово; Митреица Карамитрева поклона едно парче бавча зад црков; Крста Чингова поклона еден плн осмогласник славјански; Григор Плаков е поклона кштата си за девическо училиште; Ана Крекова е поклона кштата си, вечнаја памјат…
Мошне интересен е записот за дарувањето на Калистрат Зографски, во тоа време игумен и архимандрит на манастирот Зограф на Света Гора. Во поменикот е забележана и точната дата на дарението, 6 мај 1891 година:
„Архимандритот иеромонах Калистрат атонозуграфски, родом од Струга, подари два свети потири и два дискосниј си за сите принадлежности од чисто сребро, едно рало одежди свештенически за прес велики пости и покровци шест рала за свети тајни; една плаштеница, един крст за на света трпеза, един за водосвјат, едно многуцено евангелие позлатено, едно помалко евенгелие сребрено, една завеса, два шандана од дрво за на света трпеза и друга от туч, един службеник и два помалки, един велики требник, един триод, един цветен триод, една икона на светите просветители светаго Кирила и Методија, една служба на светаго Климента, един службеник на светаго чудотворца Наума Охридскаго, и една служба на светаго Иоана Владимира преведени од грцки на славјански език од негово Всепреподобие и три чаршафи за света трпеза и многу други црковни украшенија, многаја лета…“
Потоа списокот продолжува со Мара Бурилка, која „поклона едно лозје; Крстан Шаинов поклона две загончина на Опалец; Серафин и братја Групчеви поклонаја градината си; Христо од Долна Белица поклона едно јунче; Трајчеица Стојова подари едно лозје; братја Милеви подариха раката сребрена на иконата света Богородица Пустеводителица; свештеник Иосиф Каваев со двадесет и четири друга подариха капалницата за крштевание на малките деца; Мите Постол Коковчев и жена му Ана Анго Попова подариха сичкото им имуждество, движимо и недвижимо след смрта им, за вечна спомен: на Митрета многаја лета а на Ана вечнаја памјат; син му на Апостола Чипунов, Димитрија подари за душа негова еден сат многу добар и еден прстен од Флорин, вечна му памјат; Харитон Геров подари на черквата свјати Велокомученик Георгија за душа негова 12 наполеона и едно лозје, вечна му памјат; Катерина Ковачева е подари куќата немирајуштесе в Блгарија в град Добрич за душа нејзина и за спомен от синое Горшета, вечна им памјат; Тома и брат му Андреј попа Јосифови пратиха од Америка половина наполеон на черквата света Великомученика Георгија за здравје да им е на помошт; Боја Тортова поклона на свети Георгија едно парче бавча; Ефтим Мечкар е подари плевната што е во Дален махала за душа негова, вечна му памјат; Сотирица Деребанова подари еден килим за душа од керка е Ванга; Наумка Крстанова Баракова подари своеволно своето имушество движимо и недвижимо за душа нејзина, вечнаја памјат…“
Во летописот најбројни сепак се паричните даренија, кои се движат од неколку гроша, или неполеони, до неколку илјади гроша или наполеони. Притоа многу индикативно е тоа што печалбарите од Америка, на пример, испраќале само половина или најмногу еден наполеон, а Македонците што останале да живеат ’под турско’ ропство дарувале и по неколку наполеона!? Според летописот, Василица Милчинова, да речеме, поклонила „пет наполеона за душа нејзина, вечнаја памјат, а браќата Попа Јосифови пратиха од Америка половина неполеон, да им е на помош“.
Или, како што стои во ракописниот запис, „еден соотечественик од странство прати половина наполеон, исто колку Фросина Деребанова од Струга, Христо Хаджиев, Насте Стефов Туманов, Ефтим Коров… Димитрија Лазаров подари пет наполеони за спомен од почившаа Наумета и мајка му Анастасија за здравје и од сопругата Поликсена и чедата му Лепосава и Божидара и Косара и Јована и за многу лета“. Извесен печалбар Андреја Јосифов „прати от Америка еден наполеон, а братја Бурилови от Романија четири свешти големи“.
За разлика од печалбарите многу голема сума за тоа времје, за 1905 година, дарил Илија Јанков од село Пискупштина – „60 наполеона за спомен и 25 неполеона за негово погребение, вечна му памјат“. Фурнаџиите стружани, што работеле во Скадар, во 1850 година собрале и дарувале 8000 гроша за црквата, прилично голема сума пари, ако се знае дека обично луѓето дартувале од пет до 100 гроша.
Големиот дар на архимандрит Калистрат од 1891 година:
Ексклузивни примероци од неговиот превод на службите за св. Климент и за св. Наум од ’грчки на славјански език’!
Според историските записи, Калистрат Зографски е роден 1830 година во Струга, бил игумен и архимандрит на манастирот Зограф на Света Гора, еден од најобразованите монаси во тоа време, теолог, музиколог и филолог. До замонашувањето работел како професор по грчки јазик и црковно пеење. Во манастирот Зограф ги создал музичкото и преведувачко-калиграфско-препишувачкото училиште. Како теоретичар на византиската невматска музичка традиција, композитор и псалт од една страна, и одличен познавач на старогрчкиот, старословенскиот, новогрчкиот и романскиот јазик од друга страна, создал вредни музички дела и преводи. За многумина Калистрат Зографски е можеби најдобриот познавач на византиската лествица, создадена од славниот подвижник, композитор и псалт, Свети Јован Кукузел во 12 век. Калистратовите транскрипции на дел од кукузеловиот музички опус ќе останат запаметени како ненадминати.
Автор е на базичната музичка литература “Восточно црковно пеење” во четири тома, отпечатено на Света Гора во 1905 година. Автор е и на повеќе оргинални композиции. Најпознати се евхаристисхиот канон “Отца и Сина…” и “Достојно ест” во повеќе гласови.
Како редактор на зографската издавачка дејност, и како брилијантен познавател на повеќе класични и живи јазици, Калистрат Зографски прв ги преведува и ги печати службите на Св. Климент Охридски, Св. Наум Охридски и Светите Седмочисленици, од старогрчки на црковнословенски јазик.
Неговите мошти веќе сто и две години се чуваат во зографската монашка костурница, во манастирот каде што дејствувал и нашиот преродбеник архимандритот Анатолиј Зографски, кој монашкиот пат го започнал во древното македонско светилиште, манастирот „Св. Јован Бигорски“.
Неговиот ученик, првиот македонски владика, книжевниот деец Партениј Зографски од Галичник, замонашен од него во манастирот „Зограф“, ја продолжил неговата родољубива дејност. Партениј Зографски станува бележит духовник, учител, преродбенкик, учебникар, книжевник. Во манастирот „Зограф“ монаси биле и охридскиот митрополит Натанаил Кучевишки, пелагонискиот митрополит Евстатиј, Велешкиот епископ Јосиф и други.