Само до пред извесно време премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која го посетуваше Авганистан, тврдеа дека „нашата земја извезува мир“ во оваа азиска земја, а денес изјавуваат дека треба да примаме бегалци од Авганистан, по настаните што таму се случија и смената на власта.
По влошувањето на безбедноста состојба во Авганистан, таму се уште има околу 100 наши државјани, но засега, како што информираше вчера Министерството за надворешни работи, сите се на безбедни локации. Од МНР велат дека будно се следи ситуацијата и оти некои држави веќе изразиле подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат опфатени и македонските државјани.
Според последните информации на МНР, компаниите кои ги ангажираат работниците, не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен.
На дежурните телефони во МНР се јавиле неколку граѓани кои имаат роднини или пријатели во Авганистан и се интересирале за состојбата таму, но не побарале асистенција за нивно извлекување.
– Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од амбасадите и конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија, наведе МНР во соопштение.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, остварил контакт со неговиот турски колега Мевљут Чавушоглу од кого добил уверување дека доколку има потреба ќе помогнат при извлегување на македонските државјани од Авганистан.
– Со оглед дека Република Турција има широко дипломатско и логистичко присуство во Кабул, побарав евентуална асистенција доколку се појави потреба за извлекување и на нашите граѓани таму. Добив уверување од колегата Чавушоглу дека нивното присуство во Кабул е стабилно, дека располагаат со доволно логистички капацитет за трансфер на нивните граѓани и дека ќе имаат предвид, доколку се појави потреба, да помогнат и при извлекување на наши граѓани, напиша Османи на Фејсбук.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев објави дека Македонија ги информирала САД дека стои на располагање да помогне за да се спасат животите на цивилно население од Авганистан.
-Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан, изјави Заев за МИА.
Државата, како што рече, е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.
Поранешната државна секретарна на САД Медлин Олбрајт, пак, на Твитер им се заблагодари на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија што се согласиле да им дадат засолниште на жените и децата на лидерите на цивилното општество.