Градот Скопје, Општина Карпош, Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ и општествено одговорни градежни компании денеска ја почнаа акцијата за чистење на депонијата позади салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Тоа е истата депонија на која неодамна изби пожар и за која градоначалниците на Скопје, Петре Шилегов и на Карпош Стефан Богоев, изјавија дека немаат ниту механизација, ниту капацитети да ја средат. Но, сега пред вториот изборен круг од претседателските избори, градоначалниците најдоа механизација, сили и капацитет да чистат.
– Очекуваме во наредниот период, десетина дена, ќе успееме да доведеме во нормална ситација со цел никогаш повеќе ова место да не го загрозува воздухот во Скопје и да ја загрозува животната средина. Ќе продолжиме до целосно расчистување на оваа депонија, нашата крајна цел е да го израмниме теренот за да го подигнеме третиот дел од градскиот парк, нешто што го ветивме на граѓаните во текот на изборната кампања, истакна Шилегов.
За депонијата Вардариште, што вчера попладнето гореше, Шилегов рече дека таа депонија има огромен капацитет на депонирано ѓубре и очекува дека по завршувањето на изборите кога Градот ќе ја продолжи постапката за избор на концесионер и од кога ќе се изгради погонот за согорување на ѓубре дел од тој смет што таму се наоѓа ќе заврши во согорувањето и ќе можат и тој простор, полека да го ослободуваат.
– Проблемот од Дрисла го наследив и ќе го решаваме со наследените проблеми. Вардариште не е наивен проблем бидејќи за да може да влезете во неговото сериозно расчистување или доведување во состојба каква што е, имајќи во предвид дека таму не се фрлал само цврт, кабаст отпад, туку и комунален отпад што сериозно може да влијае на животната средина, се создадени можеби и гасови што се одоздола и таму треба многу внимателно да се решава проблемот. Станува збор за депонија што ја користел Градот Скопје како место каде целиот комунален отпад од нашиот град завршувал повеќе од 30 години. Не може да очекуваме дека тој проблем за година ипол да биде надминат. Ѓубрето од Вардариште ќе заврши во печката за спалување што ќе ја изгради новиот концесионер во Дрисла, но тоа е еден процес. Сега кога го копаме колекторот таму, наидуваме на сериозно токсични материи.
Шилегов информира дека за година и пол градот има исчистено повеќе од 320 депонии и оти во рамки на комуналниот секотор до средината на зимската сезона биле изречени повеќе од 220 мандатни казни од градскиот инспекторат кон делот на загадувачите.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев апелира и предупредува дека секое несовесно постапување, секое палење и одлагање на шут, смет и ѓубре на несоодветни места, односно на места што не се организирани депонии ќе биде најстрого казнето и санкционирано.