Претседателот на Еврејската заедница од Македонија, Пепо Леви, најави дека до Јавното обвинителство ќе поднесат кривична пријава за името на бугарскиот културен центар Цар Борис Трети во Охрид.
Еврејската заедница, како што изјави Леви за ТВ Сител, остро се спротивставува на повампирувањето на ликови од фашистичкиот период на Бугарија.
– По таква една личност да се регистрира културен центар, тоа е директна провокација. Тоа е на одреден начин враќање во фашизмот. Не може фашизмот на таков начин на голема врата да се враќа во Македонија, тоа е недозволиво. Ние ќе поднесеме и кривична пријава до Обвинителството“, изјави Леви за ТВ Сител.
Како што објавивме за 7 октомври е најавено отворање на бугарскиот клуб именуван по сојузникот на Хитлер во Втората светска војна. Овој настан, случајно или намерно, е предвиден четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија.
Претседателот Стево Пендаровски по вчерашната посета на Бугарија изјави дека „односите биле релаксирани во последниве месеци“:
– Можам да забележам дека во изминатите неколку месеци е прилично смирена реториката која доаѓа од Софија кон Скопје. Бугарите утре имаат парламентарни избори и јас сум задоволен дека „темата Македонија“ повеќе не е меѓу приоритетните, изјави вчера Пендаровски од Софија.