Додека поддршката за полската крајно-десничарска партија Конфедерација расте пред претседателските избори во мај, еден од нејзините пратеници изјави дека земјата треба да биде подготвена да ја напушти Европската Унија (ЕУ), јави Анадолија.

– Пред сè, треба да бидеме подготвени за тоа ЕУ да се распадне, изјави пратеникот на Конфедерација, Михал Вавер, за полското радио ЗЕТ.

– Пред неколку години дури и подготвивме документ под наслов „ПолЕгзит – Безбеден итен излез“. Може да настане ситуација во која Полска ќе сака или ќе мора да ја напушти ЕУ, и токму на тоа треба сега да се фокусираме“, додаде тој.

Вавер ја критикуваше и, како што рече, „некомпетентната“ реакција на ЕУ на царинските давачки што ги наметнаа САД.

– Изгледа како трка меѓу зајакот и желката, а Америка е веќе три круга пред ЕУ, рече тој.

– Во Полска не се грижиме за нашата трговска и царинска политика веќе дваесет години, бидејќи тоа го презеде ЕУ. Тоа значи дека во јавната администрација немаме луѓе кои се разбираат од оваа област“, додаде тој.

Според анкетата на Центарот за истражување на јавното мислење (CBOS) од 2024 година, 77 отсто од Полјаците сè уште го поддржуваат членството во ЕУ, што е за осум процентни поени помалку од 2023 година. Во меѓувреме, противењето на членството порасна на 17 отсто, што е зголемување од седум поени во однос на претходната година.

Според последната анкета на „Јунајтед сурвејс“ за Виртуелна Полска, кандидатот на Граѓанска платформа (ПО), Рафал Тшасковски, добива сè поголема поддршка, додека кандидатот на Право и правда (ПиС), Карол Навроцки, губи во полза на кандидатот на Конфедерација, Славомир Менцен.

Според истата анкета, Тшасковски би победил во првиот круг со 38,3 отсто поддршка, што е зголемување од 5,1 процентен поен од крајот на март. Навроцки падна на 20,1 отсто, што е намалување од 5,2 поени, додека Менцен достигна 18,8 отсто, со раст од 0,8 поени.