Преданието раскажува дека на 27 март (стар стил) 1558 година како и обично монашкото братство од манастирот „Пречиста – Кичевска“ се подготвувало за утринска литургија.
Тогаш манастирот бил нападнат од османлискиот аскер кој ги пустошел македонските манастири. Монасите го напуштиле манастирот и се засолниле во околната шума каде што ја довршиле литургијата. Само тројца од монасите: Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј останале во манастирот, готови да го примат маченичкиот венец.
Пред разбеснетиот аскер тројцата монаси ја манифестирале силната љубов кон верата, и решеноста да примат жртва во името на својот Спасител Исус Христос. Тие биле подложени на страшни измачувања, а потоа им биле отсечени главите.
Кога останатите монаси и мирјаните ја завршиле литургијата во блиската шума и кога се вратиле кај манастирот виделе страшна глетка. Манастирот бил запален, а телата на тројцата свети старци и духовни учители лежеле кај манастирската црква во местото Господинец.
Селаните од околните села, заедно со ужалените монаси од манастирот се собрале околу светите тела на тројцата преподобномаченици, тагувале и ги бакнувале со стравопочит и со солзи во очите.
Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици, застанати пред престолот на севишниот Бог и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител на се распуштила. За шест години бил изѕидан нов храм од камен.
Во 2012 година Македонската православна црква ‒ Охридска Архиепископија ги прогласи за светци.
(Подготви: Марко Китевски)