Марко Китевски (Македонски празници и празнични обичаи)
Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец идолопоклоник. На 15 (според други на 16 годишна возратс) по свирепо мачење и била отсечена главата, околу 270 година. Тогаш се убиени и 15 000 други луѓе кои поверувале во Исус и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена светата великомаченица Марина.
За спомен н нејзините страдања Светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30/17 јули. Во народот позната како Огнена Марија и е господарка на оганот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.
Во Велес се верувало дека „чуруци фчурујат, запалујат куќите на тие што работат на тој ден, од тоа секого го стра да фане работа“.
Во Охрид како што запишал Е. Спространов, Света Марена ја држеле за да не стануваат бури. „Та ја пала – и креват снопојте и полоѕите. Ко да фате ветришча, грмежи, дождој – да чуват Господ је“.
Е. Спространов уште го забележал преданието дека додека „Света Марена била жива, манастирот и се наоѓал во Л,нга. Еднаш еден Турчин је го украл стреброто и го продал на еден кувенџија. Кувенџијата го стопил и се спалаја. Тогаш ошол во манастирот пред Света Марена и је се молел. Ко да се молел по кротко, та се смејела, а ко да се бијал пак, ко да плачел и таја плачела од жалба. Фенерлија је Света Марена и иконата нејзина је фенерлија“.
Во Гевгелиско празникот Света Марена го сметале за лесен празник, но сепак во тој ден не работат. Повеќе го празнувале жените.
Празникот на Света Марена (Огнеа Марија) како селски празник се празнува во селото Зубовце, Гостиварско. Според преданието некогаш фатила голема суша, испукала земјата во полето. Кога сушата се заканувала со уништување на родот, чудотворната Огнена Марија го донела дождот и подарила богат род.
„И оттогаш во чест на светицата се држел едно неделен строг пост со верба и надеж и со очекување годината да биде сончева и врнежлива – плодна и бериќетна“.
Спроти празникот жените оделе во црквата Света Марија кад што носеле лепче-проскурник, варена пченица и шише ракија. На денот на празникот и мажите и жените оделе во црква на свечена утринска богослужба. Тука се осветувале панаѓиите што ги носеле некои семејства кои потоа се кршеле и се делеле меѓу присутните.
Нафора се носело дома и за здравје се давала на членовите на семејството кои не биле во црква. По ручекот сите оделе на сред село на оро, а веселбата продолжувала од вечерните часови. На овој ден се правеле и по неколку свадби. По извесен прекин на празнувањето поради атеистичкиот режим во Втората светска војна, последните години тоа повторно е обвновено.
И Ефтим Каранов запишал верување од Кратовско дека „Гореници се празнуваат три дни и зафаќаат Свети Кирик и Јулита на крајот на јули. Тие се оган: кој не ги празнува Горешници, ќе му изгоре нешто преку годината“.
К. Шапкарев сведочи дека таа го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан, а на тој 17 јули селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата која ја сметаат за претставителка и покровителка на жетвата и воопшто на жетвата како грчката Деметра и бугарската Жива. Шапкарев запишал предание и за некој што не сакал да го почитува споменот и да празнува и ги принудил селаните жетвари да жнијат тој ден. И ете, не по многу, се запалила жетвата сама од себе, истовремено ги повеал силн ветар, та не само што непожнеаната сетва изгорела сама, туку и веќе пожнеаната. Господарот на нивата, смајосан од неочекуваното чудо, земал да и се моли на св. Марена да му прости и да го угаси пожарот. Оттогаш тој веќе никогаш не жнеел на тој ден.