Богородица и жабата

Кога умрел Ристос, Богоројца седела над глаата негоа, плакала и го тажила. Сите жени што биле во тој град, се дошле со свеќа и киска.

Чула и жабата оти је умнрел сине је на Богоројца, си направила една киска цвеќе, си усукала една свеќа и си ја завиткала во една шамија и отишла и таа кај Богоројца со свеќа и на гајрет. Влегла в куќи, се прекрстила и му запалила свеќата над глаата од Риста и ја клала киската цвеќе до десното рамо.

Седнала на левото колено, стиснала обете раце на десното колено и навирила очите да плачит од жал што је идело на тажачката од Богоројца, кога тажела и редела маките Ристосои што беше видел од Евреите кога го распнале. Сите жени го потажиле Риста и го поредиле и секоја што си имала некој умрен му нарачуала на Риста да му носи здраво и живо на тој век. Зела ред и жабата, и таа го потажила Риста, и во тоа незино тажење си пуштила здравоживо на жабарот незин, што је ујрел тогај брго.

Кога го тажела жабата жабарот, на сите жени му идело да се смеат. Арно ама секоја се стегала и не се смеела, чунки се страмеле од Богоројца. Сирота Богоројца се сеќаала оти на сите жени му идело смеа од тажачката на жабата; арно ама немало што да је чинит.

Станала жабата да си ојт дома и ја ватила Богоројца за рака и је рекла:

– Седи ми со здравје, сестрице Богоројце, Господ гајрет да ми ти даит, нема човек што да праит откога ќе доит пустата смрт? – нема што да праит! Вчера мене ме нашло што ми умре жабарот, денеска тебе те нашло што ти умре синот. Ете таков ет овој пусти век: жив в земи не се влегуат, мори сестрице Богоројце.

На тие жабини зборои умрен да беше чоек, и пак ќе се насмееше, а неголи жив. Сите жени што седеа околу Риста сите под мустак се изнасмееја и, за да не ’и сети, сполај је, Богоројца, беше се ватиле со десната рака за уста. Арно ама Богоројца не беше до толку будала, тики да не се сеќаа, при сета жал што имала, и таа се насмеала на од жабата зборојте што ’и велела. На часо сирота Богоројца беше се сетила оти грешела што се насмеала:

– Ов, да би уста моја црвосала што се насмеала! Што гледам пред мене што се насмеав! Син за женење заклан со бруќе, спружен пред мене!

За чудо големо веднаш беше се црвосала устата на Богоројца. Колку пати што прогоорила во тој саат, толку црви беше је испаднале од устата.

Да му е милост на Бога, сите црвје што беше је испаднале од устата, Бог беше ’и блаосоил и беа се сториле буби, веднаш беа завиле кожурок. Видуање жените, и беа си зеле од бубите, та беа си запатиле.

Затоа е копријната скапа оти е од устата од Богоројца блаосоена.

Богородица помага при породувањето

Во Разлог, коа ќе и дојди саатот на некоа жена да роди и ако не можи да роди лесно, бабата ќе праела, при многу други бабинцки маривети и една молба до мајка Богоројца, при се што да е жената што раѓа Турчинка, пак ќе се молела бабата за да дојдела Богоројца на помош и со глас ќе вика за да слуша жената што раѓа. Еве како ќе вика (по турцки):

– Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди. Поможи е, Муарем-ана, (у нас Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит. Штом роди жената и се ослободи, туку ќе сврти други лис бабата и ќе земит метлата в раце, та ќе вати да метит околу куќата, а најпоеќе околу леунката и ќе вели:

– Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата.

И со тоа велење од бабата, веруаат жените оти ќе му дојди Муарем-ана за да им поможит и пак ќе си одит. (Подготви Марко Китевски)