Златоврв. Така се вика иглестиот врв на планината Трескавец кај манастирот „Св. Богородица“.
Името го добил – како што кажуваат – од едно златно јаболко што стоело најгоре и светело дури до Солун. И денес се гледа еден висок објект каде што божем било поставено прочуеното златно јаболко. На самиот врв се наоѓа широка плоча која се движи и од најлесното мрдање.
На врвот од планината има една плоча голема луѓе да не можат да ја кренат. За да се качиш на златоврвот јет многу страшно чунки ќе се качуаш од камен на камен. На едно место има една пропас, што треба да ја прерипаш, да кој годе човек немат такво срце да ја прерипат.
Откоа ќе го прерипаш тоа место ќе поодиш уште малку и ќе појдиш близу под Златоврв. Таму требат да се јазиш по една спила прао угоре. Во спилата имат дупка, максус копана со глето од луѓе само за палците клаање, и така да се качиш на Златоврв. Откоа ќе се качат мнозина луѓе и да застанат на големата плоча малку да се занишкаат и ќе ватит да се нишкат и плочата. Вистина јас сум се чудил кога сум се качил во детинството (сега со балон да ме качат таму не приимам, камоли пеш да одам).
И денес луѓе се качуваат на Златоврв, велат дека е предизвик да се качиш, дека има и страв но, денес не сретнуват плоча која се ниша и предизвикува дополнителен страв кај нив.
Од стари времиња е и преданието за златното јаболко поставено на Златоврв. За да го заштитат манастирот од честите громови монасите уште во дамнина поставиле златно јаболко на највисоката точка над манастирот, врвот Златоврв, кој оттогаш го носи тоа име. Сега на Златоврв повторно се врати јаболкото. Имено тоа е повторно поставено на истиот врв на иницијатива на граѓаните на Прилеп.
Кога патник доаѓа од спротивната страна, за кон градот Прилеп уште од ногу часови растојание може да го види блескавото златно јаболко, на извишениот и скршен во облаците планински врв над самиот манастир.
Од книгата „Преданија за Прилеп и Прилепско“ од Игор Тасевски, Прилеп 2014 г. (Подготви Марко Китевски)