Ние, како парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, ја имаме обврската да поставиме нови стандарди, да го коригираме она што беше погрешно, и да го вратиме достоинството на институциите и граѓаните, рече Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ на комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2026.

Според неа најважниот сегмент кој ја одредува иднината на Република Македонија е вложувањето во младите и во образованието.

Бојковска посочи дека овој Предлог-буџет го прави токму тоа, ја засилува образовната инфраструктура, ги поддржува студентите, ја поддржува науката и создава услови кои младите ги заслужуваат.

„Министерството за образование и наука добива 45,7 милијарди денари, што е за 1,1 милијарда денари повеќе од 2025 година“, рече Бојковска.

Бојковска информираше за средствата определени за образование по посебни ставки.

„Во високото образование 11.290 милиони денари – зголемување од 315 милиони.  Зголемувања има за УКИМ, за Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола, за Универзитетот во Тетово и Универзитетот Гоце Делчев во Штип. ФИНКИ и ФФК конечно ќе добијат современи и функционални згради, за нив се издвојуваат 32,5 милиони денари во 2026 година. Нашите студенти одамна го заслужија ова. Доста е од импровизирани училници и лоши услови. Додека едни лажеа, правеа спотови и ветуваа студентски градови, ние наоѓаме решенија на  проблемите. И најважно – реализираме“, вели Бојковска.

Бојковска се осврна посебно на програмата за одделот наука информирајќи дека се издвојуваат 823,4 милиони денари.

„Или 26% повеќе од 2025 година. Ова е еден од нашите приоритети – да се вложува во научно истражувачката работа и да имаме нација која ќе ја носи државата на здрави столбови. Никогаш повеќе претходно не се поддржала науката и научната дејност“, кажа Бојковска.

Пратеничката информираше и за средствата наменети за средното образование кое добива дополнително зголемен Буџет.

„Особено сакам да го потенцирам вложувањето во инклузивното средно образование.  Изградбата на спортски сали во основните училишта е зголемена за 44% или 113 милиони денари. Ова се инвестиции во генерации, во таленти, во иднина“, заклучи Бојковска.