Властите во Украина расправаат за предлог-закон кој предвидува 10 отсто од казните за одредени прекршоци, да се издвојуваат како награда за лицето кое ќе го сними и пријави прекршокот.
Фотографирањето / снимање на прекршителите, испраќање слики / видеа во полиција или нивно поставување на интернет-просторот, е веќе секојдневие, но сега првпат се појавува замисла за закон за поттикнување на овие дејствија со парична награда. Доколку се донесат измените во законот, тогаш наградата ќе оди кај очевидецот кој ќе сними некој од следниве прекршоци: поминување на црвено светло, престигнување при полна линија, паркирање на место за лица со попреченост, минување преку железничка пруга со спуштени рампи…
Снимените прекршувања ќе се испраќаат преку апликацијата за паметни телефони „Дија“ – „дигитална структура во телефонот“, како што беше претставена од Министерството за дигитална трансформација на Украина. Ова е истата апликација што Украинците ја користат за различни административни услуги, вклучително и за зелени сертификати или плаќање казни.