Градот Скопје апелира до граѓаните да ги користат алтернативните приоди и сообраќајници за влез во градот, пред се поради големата реконструкција на булеварот Александар Македонски во општината Гази Баба, што е во тек.

– Граѓаните можат во Скопје да пристапат преку скопската обиколница, на исклучувањето кај населбата Радишани, преку новиот булевар Христијан Тодоровски Карпош кон општина Чаир, како и на исклучувањата кај населбата Визбегово кон Момин Поток и населбата Волково кон општина Ѓорче Петров, нагласуваат од Градот Скопје.

Во Скопје деновиве се одвива, како што се наведува, голема градежна офанзива за изградба и обнова на градските улици – се пробива улицата Есенинова, а се реконструираат улиците Македонско – косовска бригада, Лазар Личеноски, Џон Кенеди, Боца Иванова, Благоја Стефковски и Востаничка, како и булеварот Видое Смилевски Бато.

Гужвите на влезот во Скопје станаа секојдневие откако пред неколку дена за градежната офанзива на градоначалникот Петре Шилегов беше блокирана една од лентите на булеварот Александар Македонски во должина од 5,5 километри и се вози само по една лента.

Добро е тоа што се менува асфалтот на булеварот, велат граѓаните кои ја користат оваа сообраќајница, но зарем мораше да се блокира во толкава должина и дали не можеше да се интервенира во фази со помали блокади на сообраќајот!?