Пумпањето на гас преку гасоводот Јамал-Европа од Русија до Германија е прекинато од денеска во 9 часот по московско време, покажуваат податоците на германскиот оператор Гаскад (Gascade) и на аукциската платформа ГСА Платформ (GSA Platform).
Гаспром вчера го закупи капацитетот на Јамал-Европа од околу 750.000 кубни метри на час, што претставува речиси 20 проценти од неговата вкупна достава. Капацитетот руската компанија може да го користи од 08:00 часот по московско време на 4 март до 8:00 часот по московско време на 5 март.
Обемот на пумпање денеска од 8:00 до 9:00 часот по московско време бил 9.800 кубни метри на час, а од 9:00 часот по московско време преносот е целосно прекинат.
Гасоводот Јамал-Европа е долг 2.000 километри и може да носи до 33 милијарди кубни метри гас годишно, а поминува низ Русија, Белорусија, Полска и Германија. Овој гасовод, заедно со Северен тек и украинскиот систем за пренос на гас, е една од главните маршрути за извоз на руски гас во Европа.
Германија претходно соопшти дека почнала да купува гас заобиколувајќи ја Русија.