Во белградскиот „Сава центар“ синоќа премиерно е прикажан филмот „Небеска тема“ на сценаристот и режисер Младен Матичевиќ за фронтменот на групата „Идоли“, Влада Дивљан.

Пред почетокот на проекцијата, Срѓан Гиле Гојковиќ од „Електрични оргазам“ изјави за ТАНЈУГ дека Дивљан е еден од најзначајните автори на поп музиката на сите времиња.

Влада беше неприкосновен лидер на „Идоли“, музичка сила која ги одбележа животите на многу генерации. Верувам дека некоја нова генерација ќе воспостави креативно милје во кое ќе се создава музика, како што ние работевме, посебно Влада Дивљан, посочи Гиле.

Во филмот учествуваат Дарко Рундек, Момчило Бајагиќ Бајафа, Светозар Цветковиќ, Зденко Колар, Срѓан Шапер, Горанка Мариќ, Дина Дивљан, Бојана Вунтуришевиќ, Дубравка Марковиќ и членовите на бендот „Љетно кино“.

Филмот „Небеска тема“ сниман е на локации во Белград, Загреб, Виена, Ровињ и на Брач.

Дивљан почина на 5 март 2015 година во Виена.