По успешната петочна претпремиера, вечерва во Младинскиот културен центар во 20 часот ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ режирана по текст на Ханох Левин од режисерката Ана Батева.
„Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ е искуство кое долго ќе го памтам. Голема благодарност до театарот Златен елец за поканата и можноста да сретнам прекрасни актери и уште попрекрасни луѓе, вели режисерката Ана Батева по вчерашната претпремиерна изведба.
„Претставата е огледало на малиот човек со сите негови стравови и инстинкти, болки, но и желба за живот во едно. Специјалист во тоа да ја провоцира и шокира публиката, Ханох Левин ни презентира безмислостна дисекција на основните вредности на нацијата и државата. Оваа црна комедија, преку различни скечови и апсурдни ситуации раскажува за парадоксот на денешното постоење. Ликовите исправени на работ на егзистенција, свесно ги исмејуваат животните неправди и системскиот апсурд и со достоинство се противставуваат на болката причинета од соочувањето со светот. Како резултат од хаосот низ светот со неговите капиталистички вредности и консуматорство, ликовите ја губат генералната смисла и се оставаат на задоволството од малите работи што „живот значат“. Затоа и нашата претстава е панк-рок кабаре кое се бунтува против статус-квото на апсурдните случувања околу нас и со песна му се насмевнува на животот“, стои во најавата за претставата.
Улогите ги играат Надица Петрова, Бобан Алексоски, Димитрина Мицкоска, Григор Јовановски, Миа Кантарџиева и Давид Илиќ. Музиката е на Стефан Здравески, а дизајнот на Христо Христов.
Театарската изведба е во продукција на театарот „Златен елец“ во соработка со Спам Студиос од Бугарија.