Во Босанско народно позориште во Зеница денеска премиерно ќе биде изведена претставата „Отело“ од Шекспир во режија на Нина Николиќ, која е копродукција меѓу театарот од Зеница и Македонскиот народен театар. Македонската премиера е закажана за 4 декември во МНТ.
Во проектот, во кој е вклучена и продукцијата „Перипетија“, играат актери од двете земји: Енес Салковиќ, Саша Ханџиќ, Дарја Ризова, Ѓорѓи Јолевски, Златан Шкољиќ, Aлександар Ѓорѓиески, Џенана Џаниќ, Тамара Миличевиќ-Стилиќ, Александар Михајловски и Аксел Мехмед.
Според драматургот на претставата Тамара Барачков, третманот на класиката во современите театарски пракси отвора простор за истражување на начинот на претставување на текстот на сцена, но и испитување, во контекст на овдешните прилики, на клучните мотиви и проблеми со кои се занимава драмата.
-Ова читање на „Отело“ е карактеристично поради радикалниот пристап кон Шекспировиот јазик и стил, што е можеби најочигледната интервенција на текстот. Имавме цел да истражиме на кој начин и во која мера трансформацијата на јазикот и „преведувањето“ во современ говор може да влијае не само на изворниот Шекспиров ракопис туку и на прашањата што ги нуди драмата. Така, јазикот стана оголен, директен и лишен од поетичноста, со што се акцентирани и нагласени и актуелни теми денес, наведува драматургот.
Македонските и босанските актери во „Отело“ играат секој на својот мајчин јазик со што додатно се развива поигрувањето со говорот, како и прашањето на комуникација и меѓусебно разбирање.
Исто така, Јаго во оваа претстава не е лик олицетворение на злото, туку човек со слабости, несреќен и несигурен, можеби и несвесен дека една интрига и ситна пакост, која ја прави поради одмазда, ќе покрене серија крвави, трагични настани.
-Во таа смисла, немавме цел ниту самиот Отело да го ослободиме од вина и од одговорност за убиството, ниту да ги прикажеме неговите дела и однесување исклучиво како последица на сплетките и лагите на Јаго. Низ приказната за љубомората и стравот од неверство, се проблематизира односот кон жените што го препознаваме и во денешното традиционално патријархално општество, додава драматургот на претставата.
Сценографијата е на Вишња Вујовиќ, костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, на сценските движења работеше Димитриос Сотириу, а композитор на музиката е Дуке Бојаџиев.