Анимираната приказна „Пајни: осамената елка“ на која работеше македонската компанија „В Хаус Анимејш“ (www.vhouseanimation.com), по сценарио и режија на познатиот холивудски тандем Тимоти Хутен и Тод Едвардс, ќе има светска премиера на 3 ноември во Лос Анџелес.
Приказната го следи необичното пријателство на деветгодишната Џорџи и нејзината омилена елка Пајни за која девојчето се грижи со години. Кога Пајни по грешка ќе биде ставен во следната празнична пратка, Џорџи и нејзиниот дедо ги поминуваат сите места со новогодишни елки, во обид да го најдат Пајни пред празниците да завршат. Следејќи го Пајни низ неговото невообичаено патување, неговите надежи, сонови и разочарувања, приказната го поставува прашањето: „Што доколку новогодишната елка не стигне во својот дом за празниците?“
„Пајни: осамената елка“ трае 25 минути и влегува во категоријата кратки анимирани филмови. Комплетната анимација, продукција и постпродукција на ова остварување беше работена девет месеци од тим од 60 цртачи и аниматори.
– Ова е голем успех за македонската компанија, која постои десет години и која веќе има солидно портфолио од сферата на анимираниот филм Премиерата на филмот на црвениот тепих во Холивуд е потврда за квалитетот кој македонската компанија ја става на рамниште со светските анимациски студија од целиот свет, соопшти студиото „В Хаус Анимејш“.
Гласовите на ликовите се на познати актери: Џонатан Прајс (познат по улогите во „Игра на тронови“, „Сопругата“, „Пиратите од Карибите“), Сајмон Пег (улоги во серијалот филмови „Невозможна мисија“, „Ѕвездени патеки“, анимираниот „Ајс Ејџ“) и Џејсон Ентони („Дневниците на Нарнија“, „Филмот за лего“, „Хари Потер“).