Премиерката на Естонија Каја Калас денеска поднесе оставка од функцијата.
Оставката ја поднесе до претседателот Алар Карис, откако беше номинирана за висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, пишува естонскиот портал EРР. Се наведува дека кон крајот на летото Калас ќе поднесе оставка и од функцијата претседател на Реформската партија.
Калас е премиерка на Естонија од 2021 година и предводеше три последователни влади.
Како што е наведено, во тек се преговори меѓу Реформската партија, СДЕ, Еести 200 за продолжување на актуелната владејачка коалиција, а овие преговори во име на реформистите ги води Кристен Михал, кој е предложен за претседател на Реформската партија.
Според процедурата, претседателот Карис ќе разговара со партиите, а потоа ќе го додели мандатот.
Новата влада треба да биде избрана на почетокот на август.