Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ ги почна консултациите со парламентарното мнозинство, прифаќајќи го предлогот на 37 пратеници од парламентарното мнозинство, кои бараат реконструкција на Владата, соопшти неговиот кабинет.
Кривокапиќ, прецизира неговиот кабинет во соопштение, ќе го поддржи договорот и компромисот зад кој ќе застанат 41 пратеник од парламентарното мнозинство, што е услов за воспоставување политичка стабилност, со цел решително продолжување на процесот на демократизација на Црна Гора.
Откако Демократите и Демократскиот фронт пред десетина дена соопштија дека Владата треба да се реконструира, Кривокапиќ предложи реконструираната Влада да има тројца потпретседатели, а ресорите што се покажаа обемни да бидат поделени.
Кризата на актуелната Влада на Црна Гора почна со денот на формирање на експертската Влада, на што се спротивстави Демократскиот Фронт, а кулминираше со заминувањето на пратениците на овој политилки блок од Собранието, откако беше сменет министерот за правда Владимир Лепосавиќ поради изјавата за Сребреница и беше усвоена Резолуцијата за Сребреница.