Министерот за здравство на Косово, Арбен Витиа денеска ќе поднесе оставка на функцијата, поради учество на локалните избори како кандидат за градоначалник на косовската престолнинајави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата за косовските медиуми ја потврдија извори од Владата на Албин Курти, најавувајќи ја прес-конференцијата на која Витиа ќе ја објави оставката.

Витиа е кандидат за градоначалник на Приштина од редовите на владејачката партија Движење самоопределување, која ја предводи премиерот Курти.

Локалните избори во Косово ќе се одржат на 17 октомври, истиот ден како и оние во Македонија.

Вршителка на должноста министер, до изборот на новиот челник на секторот здравство, ќе биде актуелната заменичка-министер, Дафина Геџа-Буњаку.