На вчерашната седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците донесовме одлука за одржување јавна расправа по Предлог-законот за организација и работа на органите на државната управа, која ќе се одржи во понеделник, со почеток во 10 часот, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов, во изјава за медиумите, што МИА ја пренесува интегрално

Како Комисија, продолжуваме со политиката на инклузивност, транспарентност и отворена дебата при подготовката и донесувањето на важните законски решенија.

Станува збор за закон кој директно влијае врз функционирањето на државната управа, ефикасноста на институциите и квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. Затоа, неговото донесување не смее да биде само формално исполнување на законската постапка, туку резултат на сериозна дебата, стручна анализа и широк општествен и политички консензус.

Нашата цел не е само да донесеме закон, туку да создадеме подобар, поодговорен и поефикасен систем, кој ќе биде поблизок до потребите на граѓаните.

На јавната расправа веќе ги покануваме експертите, универзитетските професори, претставниците на институциите, граѓанскиот сектор, меѓународните организации и сите релевантни чинители кои со своето знаење, искуство и аргументи можат да придонесат кон подобрување на законското решение, кое во моментов е во работна верзија.

Упатувам јасен повик и до опозицијата активно да се вклучи во јавната расправа, да ги изнесе своите предлози, забелешки и аргументи. Очекуваме СДСМ, ДУИ, ВЛЕН, ЗНАМ и сите политички групи во Собранието да номинираат дополнителни учесници. Секој предложен претставник ќе биде поканет и ќе има можност да даде свој придонес.

Различните ставови не треба да бидат пречка, туку можност да дојдеме до поквалитетно законско решение.

Овој закон е дел од реформската агенда на Република Македонија и од Планот за раст, договорен со Европската Унија.

Досега имаме повлечено повеќе од 150 милиони евра, а нашата цел е да продолжиме со спроведувањето на реформите. Три пати по ред сме држава која спроведува најмногу реформи и три пати по ред повлекува најмногу средства од Европската Унија, иако сме една од најмалите држави во Западен Балкан.

Овие средства се од исклучително значење за државата, за развојните проекти и за подобрување на институционалните капацитети.

Како парламентарно мнозинство продолжуваме да даваме пример за градење силни и одговорни институции и спроведување реформи кои носат реални подобрувања за граѓаните.

За Алта банка и надзорната расправа

Во однос на случувањата поврзани со Алта банка, сакам да потенцирам две важни работи.

Прво, ниту еден штедач, пензионер или коминтент кој директно или индиректно е поврзан со Алта банка нема да биде оштетен ниту за еден денар.

Второ, граѓаните имаа можност да видат кој во изминатиот период се труди и работи Македонија да успее, а кој се радува и се моли таа да не успее.

Јавноста беше сведок на случувањата на првиот ден од надзорната расправа, кога, според мене, практично паднаа маските.

Веднаш по првиот ден сметавме дека е потребно продолжување на надзорната расправа. Затоа, ќе продолжиме со разгледување на сите случувања поврзани со Алта банка, а одговорите за продолжувањето на расправата треба да се побараат во рамките на Социјалдемократскиот сојуз.

Денешната прес-конференција ја свикав и со цел навремено да ја информирам јавноста и преку медиумите да ги повикам сите заинтересирани страни да учествуваат во јавната расправа.

Станува збор за крупно законско решение чии ефекти граѓаните директно ги чувствуваат преку работата на државната управа и институциите.

Затоа сметам дека клучната политика треба да биде спроведување суштински реформи, со широка вклученост и одговорност на сите чинители.

Нашиот пристап останува јасен: повеќе дебата, повеќе аргументи и поквалитетни законски решенија.

Продолжуваме да работиме на реформи што носат посилни институции, поефикасна државна управа и подобри услови за сите граѓани.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ