Љупчо Пренџов, пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во емисијата 24 Анализа на телевизија 24. Во својата реплика за време на дебатата на која учествуваа Фатмир Битиќи,пратеник во Собранието и поранешен министер за економија од СДС и Љупчо Балковски, поранешен пратеник во Собранието од ВМРО-Народна и поранешен министер за транспорт, Пренџов истакна дека опозициската СДС има проблем со пронаоѓање кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Пратеникот нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ активно работи на конкретни проекти и развој на општините. Од друга страна пак, за опозициската ДУИ, Пренџов истакна дека се фокусира на меѓунационални теми, додека граѓаните сакаат конкретни решенија.
– Ние имаме состојба помеѓу две политички номенклатури, во која што онаа којашто е актуелна опозиција предводена од СДС, едноставно не може да најде луѓе коишто ќе се кандидираат за градоначалници на терен. Имаат сериозен проблем со наоѓање на луѓе кои што ќе бидат кандидати за градоначалници, рече Пренџов.
Според него, да се прават споредби од страна на претставници на опозицијата со 2017 година не е потребно, важно е да се фокусира на иднината. Како што вели тој, граѓаните очекуваат решенија за секојдневните предизвици, а не реторика која е базирана на стари политички дебати.
– Јас немам проблем никој да живее во 2017 година тоа е негов избор. Ние живееме сега и денес и ја проектираме иднината како ќе се случува. Жално е што некогаш огромната државотворна СДС на овие избори ќе се бори за неколку градоначалници, рече Пренџов.
Пренџов истакна дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во општините активно реализираат конкретни проекти и инвестиции, и наброи неколку од нив, а додаде и дека се фокусираат на резултати и на идни планови. Според него разговорите треба да се водат за конкретни дела и развој на општините. Тој додаде и дека да се биде опозиција за ДУИ значи крај на светот, што не е вистинскиот пристап кон решавање на проблемите.
– На никого не му одговара да зборува за меѓунационални теми, бидејќи ние разговараме што сме направиле, до каде се конкретните проекти и што ќе правиме во иднина. Оние коишто се викаат Демократска унија за интеграција се оние коишто и во Собранието и во јавниот дискурс детерминираат теми како овие, тие сметаат дека уште првиот ден кога отидоа во опозиција, дека е крај на светот доколку тие не се власт, заклучи Пренџов.