На телевизија Алфа во емисијата „Заспиј ако можеш“ гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов кој на самиот почеток се осврна на темата за новиот Предлог-буџет, и направи паралела за време на владеењето на СДС и ДУИ чиј просек на раст бил 1,1% додека денес со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има раст од 3,5 до 3,8%.

„БДП е основниот параметар во рамки на макроекономијата којшто ви кажува дали државата оди во правилна или погрешна насока. Она коешто е факт и коешто е бројка е тоа дека СДС и ДУИ беа на власт седум години, во тие седум години просекот на раст бил 1,1%, да немало влада економијата сама по себе повеќе ќе растела, него ли нив што ги имала како влада. Денеска, само оваа година ние имаме од 3,5% до 3,8% раст, тоа значи дека најмалку 3 ипол пати оваа Влада во делот на економијата е подобра. Економијата си влече последици, си влече камати, имаме ситуација во којашто иако следните години ќе враќаме милијарди, ќе паѓа јавниот долг бидејќи има макотрпно штедење“, рече Пренџов.

Пренџов истакна дека јавниот долг е намален, а државата е фокусирана на изграба на железницата која од Грција до средна Европа ќе поминува низ Македонија, со што државата со нејзината изградба ќе има дополнителен финансиски бенефит.

„За прв пат после многу години, долгот на оваа наша држава е намален. Разликата е тоа што сега вие земате за градба на железница, за градба на автопат, за проектирање на автопат определени кредити, разликата помеѓу тие две милијарди е што таа железница ќе ја има во Македонија, целата роба што оди од Грција до средна Европа ќе мине низ Македонија и државата ќе добива пари за тоа. Тоа е едното задолжување, тоа ние го прокламираме. Ако трошите одговорно, ако се задолжувате за нешто коешто потоа ќе носи и ќе враќа пари, тоа се вика добро и капитално задолжување за капитална инвестиција“, вели Пренџов.