Преседан е начинот на којшто 22-годишиот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети од Охрид е изнесен од државата, а истрагата за кафеанската тепачка што прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите на политичарите, вели за ТВ Телма адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ.
– Факт е дека начинот на кој сето тоа е направено, со целосно игнорирање на македонските правосудни власти, е опасен преседан, бидејќи се работи за активна истрага, која веќе е компромитирана со политичките изјави на политичките чинители. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител, вели адвокатот Туфегчиќ.
Лицето е осомничено како сторител на кривично дело, но и во таа постапка, додава Тугефчиќ, имајќи го предвид настанот што го предизвика вниманието, не знам дали јавниот обвинител во тој контекст побарал од судот за лицето да бидат определени мерки за обезбедување присуство токму за спроведување на оваа постапка.
Засега нема официјален став и појаснување од МНР, ниту од Министерството за здравство за процедурата по која тој ја напуштил државата, а од Обвинителството велат дека во однос на други постапки за наведеното лице, повеќе детали ќе изнесат в понеделник откако ќе биде направен увид во предметите што се споменуваат.
– Оштетениот досега два пати даде свој исказ во постапката и е достапен на органите на прогонот. Освен тоа, тој има правен интерес да учествува во постапката. Јавното обвинителство нема ниту една законска основа да задржува оштетено лице, велат од Обвинителство за МИА.
Полицијата вчера приведе тројца охриѓани осомничени за физички напад во Охрид.
Инцидентот вчера го осудија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и нивните бугарски колеги, Румен Радев и Галаб Донев, а Делегацијата на ЕК во Скопје, и побараа од властите да го истражат случајот.
Вчера извори од истрагата за МИА потврдија дека против Х.П. во текот на декември полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ според член 215 од Кривичниот законик.
Според очевидци во угостителскиот објект, завчера околу 22.30 часот веднаш штом во угостителскиот објект влегле тројцата приведени, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што тие го извадиле надвор и го натепале, при што му била скршена вилицата.
Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид, бил претепан во четвртокот вечерта во градот и тој вчера со бугарскиот владин авион беше пренесен на лекување во Воено – медицинската академија во Софија.
Според БТВ, повредениот Пендиков е на интензивна нега на ВМА во Софија и в понеделник ќе биде опериран.