Професорката на скопскиот Правен факултет, Тања Каракамишева, член на Венецијанската комисија, денеска на социјалната мрежа Фејсбук објави опструкции и обид за спречување да ја извршува на нејзината должност, од страна на Министерството за правда.
– За прв пат од постоењето на Македонија како независна држава еден член на Венецијанската комисија кој ги претставува интересите на државата, ќе оди на мисија во Комисијата БЕЗ ДОСТАВЕНО, А ВЕРОЈАТНО И БЕЗ ИЗГОТВЕНО СЛУЖБЕНО РЕШЕНИЕ И ПАТЕН НАЛОГ- напиша Каракамишева.
Во текстот таа вели дека е оставена на цедило без патен налог потпишан од раководното лице на Министерството за правда. Ова е прв пат Македонија како независна држава, да не ги почитува државните интереси и должности на институциите.
– Јас, денеска, сепак заминувам во Венеција и покрај сите опструкции и нечесни игри ОСТАНУВАМ ПРОФЕСИОНАЛНА И НА НИВО НА ДАДЕНАТА ЗАДАЧА- одлучи Каракамишева.
Венецијанската комисија е највисокото европско тело за легислатива на Советот на Европа, која има мандат да дава правни совети на земјите членки и да им помага во прилагодувањето на домашната легислатива со европската.
Каракамишева стана член на Венецијанската комисија на почетокот од 2016 година.