За два месеца, од февруари до април, во Македонија нагло се зголемија откупните цени на јагнињата и на јагнешкото месо во продавниците.

Цената на килограм јагнешко во штипските продавници деновиве е од 420 до 430 денари, со најава дека за Велигден ќе се продава по 450, а може да достигне и 500 денари за килограм, објави порталот СДК.

Во Велес сега цената е 350 денари, но и таму има најава дека ќе се зголеми на 400 денари. За споредба, во Велес во изминатите неколку години се купуваше јагнешко за 270 до 300 денари за кило.

Трговците, како што наведува СДК, велат дека цени од 400 до 500 денари се очекуваат и во маркетите во Скопје.

Откупувачите објаснуваат дека цените рапидно растат поради зголемената откупна цена што ја бараат сточарите. Тие, пак велат, дека воопшто не се исплаќа да се чуваат овци и да се продаваат јагниња по првичните цени од 150, 160 до 165 денари килограм жива мера што ги диктирале откупувачите.