Преспанско Езеро од албанска страна, кај Пустец, порибено е со над 620 илјади единки подмладок од  автохтон крап, објави министерката за земјоделство и рурален развој Анила Денај.

– Реализирана е уште една многу значајна активност со цел збогатување на езерото со крап кој се смета за природно богатство.  Порибувањето кореспондира и со периодот на природен прираст и е во рамки на спроведувањето на одржливото управување со риболовот и на програмата за повторно населување со автохтони видови риба, објави Денај на Фејсбук.

Според неа, подмладокот од крап е од мрестилиштето во близина на Корча, а збогатувањето на езерото со автохтон крап е додадена вредност во зголемувањето на рибниот фонд во езерото.

Во средината на овој месец водите на Охридско Езеро, исто така од албанска страна, кај селото Лин, општина Подградец, беа збогатени со околу два милиони парчиња подмладок охридска пастрмка-коран.

– За првпат по три децении вакво рекордно количество се фрла во езерото што го делат Албанија и Северна Македонија, по истражувањето направено пред неколку години, со кое овој редок вид риба беше класифициран како вид во опасност од исчезнување, изјави Олси Чекичи, специјалист од мрестилиштето во Лин.

Од албанска страна, во последните четири години Охридско Езеро е порибено со над 5 милиони парчиња подмладок.

МИА