Европскиот суд на правдата (ЕЦЈ) денеска ја потврди пресудата според која Романија мора да му одобри дозвола за престој на Американецот, кој му е сопруг на Романец, иако Романија не ги признава истополните бракови, известува Ројтерс и истакнува дека се работи за многу важна одлука за правата на хомосексуалците.
ЕЦЈ пресуди дека Романија мора да ја признае важноста на бракот кој во 2010 година во Белгија го склучиле Американецот Клеј Хамилтон и Романецот Адриан Коман.
– Иако членките на ЕУ сами одлучуваат дали ќе дозволат истополни бракови, тие не смеат да ја кршат слободата за престој на граѓани од ЕУ, со тоа што на неговиот истополов партнер, државјанин на земја која не е членка на ЕУ, да не му го ускратуваат правото на престој на територијата на европските членки, пишува во образложението на судската одлука.
Случајот е во врска со Хамилтоновото право, како неевропски државјанин, постојано да живее во Романија, а тоа право зависело од неговиот статус сопруг на Адриан. Адриан Коман се жалел на одлуката на романскиот суд со која, со визен режим, му се ограничувал престојот на Клеј т.с. му се издавала дозвола за престој од три месеци, по што случајот стигнал во судот (ЕЦЈ) во Луксембург.
Европската комисија (ЕК) истакнува дека таа пресуда не е дел од настојувањата на Брисел да ја наметне таа општествена промена во европскиот блок.
– За тоа се задолжени членките на ЕУ. Ова е само корисно појаснување поврзано со избегнување на дискриминацијата, соопштија од ЕК.
Адриан Коман ја поздравил одлукатана судот која значи дека неговата врска со Хамилтон е „исто вредна и исто релевантна, кога е во прашање слободата на движење во ЕУ“.