Суд во северна Франција ја осуди познатата некогашна глумица и супермодел, Брижит Бардо, на парична казна од 5.000 евра за навреда на претседателот на Француската ловечка федерација.
Поранешната актерка ќе мора, меѓу другото, да му плати 1.000 евра отштета на Вили Шрен, како и 1.000 евра судски трошоци. Судот во градот Ара ѝ наложи на Бардо, во рок од 15 дена, да ги избрише сите пораки од интернет-страната на нејзината Фондација за заштита на животните, во кои таа го навредува Шрен. За секој ден одложување, таа ќе мора да плаќа по 100 евра.
Позната по борбата за правата на животните, поранешната глумица во октомври 2019 година на страната на нејзината фондација напиша дека ловците се „под нивото на човечко суштество, со страшен кукавичлак и терористи во светот на животните“. Како пример таа го навела Шрен.
Брижит Бардо, сега веќе среде деветтото десетлетие од животот, честопати и не бираше зборови во своите изјави и реакции на настаните во општеството, па секогаш привлекува големо внимание во медиумите во Франција. Таа не појде на судење, но испрати писмо до Судот во кое признава дека „можеби се изразила грубо“, додавајќи дека ловот е една од главните загрижености на Французите.