Гостинката од Албанија дојде со цела листа на свои очекувања за внатрешни прашања на Македонија. Претседателката на албанскиот парламент, на својот колега, Африм Гаши, му испорача дека очекува продолжување на Балансерот, зголемена употреба на албанскиот јазик, уставни измени, завршување на Коридорот 8. Дури ја коментираше и можната одлука на Уставниот суд кој деновиве ги стави во мирување вработувањата по етнички клуч.
– Сигурна сум дека правичната и пропорционална застапеност на Албанците во институциите на земјава ќе продолжи, тоа е во наш заеднички интерес, и е по сите стандарди на една мултиетничка држава и функционално општество. Целосно ја препознаваме и ја разбираме загриженоста на албанскиот фактор за можноста од промени, во зависност од очекуваната одлука на Уставниот суд, но очекуваме дека ваквите нарушувања ќе имаат решение согласно духот што го диктира Охридскиот рамковен договор, изјави Елиса Спиропали, претседателка на Собранието на Република Албанија.
Спиропали очекува и целосна имплементација на Законот за јазиците, велејќи дека „неговото кршење во која било форма го нарушува албанскиот идентитет„. Коридорот 8, според неа, е сон на Албанците и со нетрпение очекува да се вози по него. И за Гаши тоа е еден од приоритетите.
Пред средбата со Спиропали, лидерот на ДУИ, пак, повика да не се гледа назад, и дека креирањето кризи не носи добро никому
Откако Уставниот суд времено го запре користењето на балансерот до конечната одлука за уставноста на законските одредби со кои се овозможува етничката припадност да е услов за вработување, превирањата не престануваат.
Од Вреди тврдат дека имаат договор за нов закон кој ќе го замени балансерот. Но, од ЗНАМ, партија чиј министер го води ресорот администрација велат дека таков закон не е договорен и дека се чека конечната одлука на Уставниот суд, па ќе се постапува во зависност од неа.
Идејата за укинување на балансерот ја поддржуваат и од СДСМ и повикуваат ниту една партија да не се меша во носењето на одлуката на Уставниот суд.