Охрид од вечерва се до 20 август ќе ги живее своите 40 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“. Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет по 58-ми пат наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, творат на неколкуте фестивалски сцени во Охрид…

Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста. Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби,  ликовна, изложба на фотографии и на современ накит.

Свеченото отворање на нашата најзначајна музичко-сценска манифестација традиционално започнува на големата сцена на Античкиот театар. Овојпат сцената на Антички резервирана за големите оперски ѕвезди, сопранистката Елена Мошуц и тенорот Калин Братеску, под диригентската палка на Николае Молдовеану и во придружба на оркестарот на Македонската филхармонија.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, а обраќање пред публиката на отворањето ќе има и министерот за култура на Република Македонија, Асаф Адеми. Уметничката порака годинава ќе ја пренесе познатиот македонски актер Никола Ристановски.

Уметниците Мошуц, Братеску и Молдовеану кои се веќе тука најавија масимално вложување и незаборавно искуство и концерт за паметење вечерва на Антички.

Оперската певица Елена Мошуц, која важи за еден од најразновидните и најекспресивните сопрани во светот, во обраќањето пред медиумите и јавноста во Македонија рече дека е благодарна што ќе биде дел од фестивал со долгогодишна традиција на кој настапувале светски познати уметнички имиња.

– Природата тука и луѓето се прекрасни, со нетрпение го очекуваме утрешниот концерт. Програмата ја избравме заеднички со колегата Братеску. Поради временските ограничувања односно должината на концертот од еден час, избравме оперски дела за поширока публика така што очекуваме добар прием кај публиката, рече таа.

Маестро Николае Молдовеану кој веќе имаше проби со уметниците од Македонската филхармонија, рече дека за отворањето на „Охридско лето“ е избрана програма во чиј репертоар се најубавите италијански и француски арии за сопран, тенор и дуо.

– Секој концерт на отворено не е само уметнички настан, туку културен феномен што остава можности за дополнително поврзување на уметниците со публиката. Во време на политички тензии на континентот, концертите на отворено носат радост и чувство на слобода како за публиката така и за нас уметниците. Благодарни сме што ни е дадена таа привилегија да бидеме тука за вас и со задоволство ве очекуваме, истакна Молдовеану, изразувајќи уверување дека и временските услови ќе придонесат за незаборавен концерт и неповторливо искуство.

Шефот на оркестарот на Македонската филхармонија, Горан Муратовски, изрази задоволство, но додаде дека е и голема чест што Македонската филхармонија е традиционален гостин на фестивалот „Охридско лето“.

– Оваа година ја имаме честа да го отвориме  фестивалот. Задоволство е да се соработува  со уметници од ваков калибар, со извонредниот диригент маестро Молдовеану, со оперската дива Мошуц и тенорот Братеску. На свечното отворање на Антички театар очекуваме голем спектакл, рече Муратовски.

Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот  „Д’Квин Сикс“  од Велика Британија,  како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката  Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.

Драмската програма започнува еден ден по свеченото отворање, а ќе понуди театарски креации од домашните театарски куќи, како и гостувања на театри од Србија, Хрватска и Словенија.

По традиција, во рамки на „Охридско лето“ ќе настапат и голем број домашни уметници од Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Музичката младина на Македонија.

Според в.д. директорката на „Охридско лето“ Сузана Вренцовска, сите сцени и простори каде што годинава ќе се одржуваат музичко-сценските настани на фестивалот се оспособени за уметниците, како и за посетителите кои секоја година ги има во голем број, а како што најави, од следната година е планирана  изградба на монтажно гледалиште кое ќе може да се поставува насекаде, со што ќе можат да се одржуваат настани на секое соодветно место во градот.

Фестивалот „Охридско лето“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, а помогнат од Општина Охрид, како и од бројни спонзори.