Претседателот на косовското Собрание и лидер на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК), Кадри Весели изрази жалење поради повикот од страна на Специјалниот суд за воени злосторства во Косово на неколку негови поранешни соборци од Ослободителната војска на Косово, меѓу кои и на досегашниот премиер и коалициски партнер Рамуш Харадинај, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весели, како и неговиот претходник на чело на ПДК и актуелен претседател на Република Косово, Хашим Тачи, вели дека за оставката на Харадинај од чело на Владата дознал од медиумите.
– Со жалење дознав од медиумите за повикот што им е упатен од Специјалниот суд на моите соборци, како и за оставката на премиерот Рамуш Харадинај. Борбата на Ослободителната војска на Косово (ОВК) беше чиста и праведна и јас сум сигурен дека чесноста на борбата на нашиот народ за слобода и независност повторно ќе се докаже, напиша Весели на својата страница на Фејсбук.
Тој вели дека коалицијата со партијата на Харадинај, Алијансата за иднината на Косово (ААК) ја направил „за донесување големи одлуки“ во интерес на косовските граѓани.
– Владината коалиција се формира со цел донесување големи одлуки за Косово и за одбрана на вредностите на ОВК. Сите наши дејствија и одлуки ќе бидат исклучиво во служба на најдобрите интереси на Косово и на неговите граѓани, како и во целосна согласност до нашите закони, напиша Весели.
Харадинај денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата премиер, откако доби покана од Специјалниот суд како осомничен за воени злосторства.