За многу светски и македонски правни експерти, Преспанската спогодба е нелегална и неуставна, но не само од правен аспект, туку и реално таа е многу парадоксална и целосно бесмислена, вели во интервју за емисијата „Што не е јасно“ претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев..

„Современите тенденции во дефинирањето на културата и културното наследство на една нација исклучуваат секаква ексклузивност во определување на одликите, историјата, културата и наследството на одредена територија. Оттука, не само што овој Договор е ненаучен и бесмислен, туку тој иритира затоа што, прво, се мешаат археологијата и историјата во решавање на спор на две современи држави, второ, се дефинираат одликите на историјата и културата и наследството на еден географски регион од антиката до денес како „наша‟ и „ваша‟ и „особено различна“ само врз основа на современите граници, и трето, однапред се дефинира толкување и интерпретација на историјата, културата и наследството од антиката до денес во рамките на двете држави“ посочува академик Коцарев во интервјуто со новинарот Љупчо Цветановски.

Тој потсетува дека според член 7, став 1, од Преспанската спогодба: „Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините ‘Македонија’ и ‘македонски’ се однесува на различен историски контекст и културно наследство“, така што кога Првата страна, Грција, ги користи овие термини, тие „ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“ (член 7, став 2). Меѓутоа, во однос на Втората страна, Македонија, „овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став 2“, укажува претседателот на МАНУ.

„Членот 7 од Преспанската спогодба е парадоксален и во однос на Македонците што живеат и работат во периодот од 19 до 20 век, во северниот регион на денешна Грција. Да замислиме дека Гоце Делчев во текот на неколку месеци повеќепати ја минувал денешната граница меѓу Грција и Македонија. Според Преспанската спогодба, во периодите кога тој бил во северниот регион на денешна Грција, Македонецот Гоце Делчев имал елински идентитет, додека во периодите кога тој престојувал во границите на денешна Македонија, неговиот македонски идентитет бил „особено различен од оној наведен во член 7, став 2“. Така, за илустрација, да претпоставиме дека во текот на еден ден, македонскиот корифеј Гоце Делчев ја преминал стотина пати денешната граница меѓу Грција и Македонија, што, според Преспанската спогодба, значи дека само во еден ден тој стотина пати го сменил својот идентитет. Каква парадоксална и бесмислена спогодба?“ посочува академик Коцарев во „Што не е јасно?“ на ТВ Алфа.